Работнички е пред нова суспензија од ФИБА поради долг кон – менаџер (ФОТО)

Најтрофејниот македонски кошаркарски колектив, екипата на Работнички, во март годинава по третпат во три години се најде на црната листа екипи на кои им е забрането да ангажираат нови засилувања од странство, а сега се соочува со дополнителна санкција откако загуби уште еден спор пред БАТ, што е своевиден арбитражен трибинал на Светската кошаркарска федерација (ФИБА).

По претходно пресуди во корист на поранешните играчи Дарко Чохадаревиќ односно Маркус Гинјард, 15-кратниот шампион на Македонија овој пат е „поразен“ и од менаџерот на Американецот кој го носеше црвено-белиот дрес во шампионската 2017/18 година. Станува збор за Унгарецот Акос Вегвари, кој посредувал при доаѓањето на Гинјард, но и на Расел Робинсон во „Градски парк“, за што, како што тврди самиот, не бил целосно исплатен, па се решил да го пријави скопскиот прволигаш.

БАТ откако им овозможил на двете страни да презентираат своите докази, донел одлука Работнички да му плати 6.350 долари како долг од ветената провизија, како и дополнителни 900 долари како казна за задоцнето плаќање. Згора на тоа, македонскиот тим е задолжен со дополнителни 3.080 евра за таксата кон арбтитражата на ФИБА и со уште 3.000 евра за покривање на адвокатските трошоци на Вегвари. Вкупни, центарци ќе треба да исплатат 7.250 долари и 6.080 евра, што секако ќе биде значителна непредвидена ставка во буџетот за следната сезона.

Претходно, со одлука од 3 април 2018 година, Работнички беше задолжен да му исплати на Чохадаревиќ вкупно 39.000 евра, а со одлука од 2 септември 2019 година на Гинјард вкупно 13.500 долари на име на заостанати плати, премии и адвокатски трошоци и 2.250 евра за такси кон БАТ.