Првата лига со 12 екипи - ќе се пополнува со второлигаш или со испаднатиот Шкупи!

Екипите кои ќе настапуваат во кошаркарската Прва лига следната сезона денеска се изјаснија дека прифаќаат следната сезона да има 12 екипи во елитното натпреварување, односно да се пополни испразнетото место од Блокотехна чии челници пред извесно време објавија дека во иднина ќе функционираат во склоп на постариот гевгелиски тим Кожув.

И покрај официјално искажаната желба на испаднатиот Шкупи за повторно играње во друштво на најдобрите, прволигашите решија прво да им се испрати покана за настап на трето и четвртопласираните екипи од Втората лига минатата сезона, а тоа се Црн Дрим и Ангели. Дури ако тие не ја прифатат поканата, што во моментов е сосема веројатна опција бидејќи двата тима добиваат мал простор за наоѓање средства и формирање тим достоен за настап во Првата лига, ќе се размислува за повторно кооптирање на составот од Чаир. На Шкупи и лани, надвор од сите акти на Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ), му беше дадена шанса да го задржи прволигашкиот статус и покрај испаѓањето од елитата, на што возврати со катастрофален настап, порази во сите одиграни средби, па дури и неодигрување на последниот меч од сезоната во баражот за опстанок против Академија ФМП.

На денешниот состанок на прволигашите се зборуваше и за долговите на клубовите, па е даде рок до задутре секоја екипа да даде забелешка дали има забелешки на минусното салдо кое го имаат според евиденцијата на КФСМ. Истовремено беше искажан предлог за исплаќање на котизацијата во износ од 10.000 евра во десет рати, како и наоѓање модус за регулирање на старите долгови пред почетокот на шампионатот.

Комесарот за натпреварување, Лазар Гечевски, ги информира клубовите дека во подготовка е кодекс за однесување кој потоа ќе им биде испратен со надеж дека ќе биде прифатен и ставен во употреба.