Поранешен голем талент на МЗТ е првото летно засилување за Работнички!

Некогашната голема надеж на МЗТ Скопје, Леонид Тодоровски, е првото засилување за Работнички летово, откако денеска и официјално потпиша договор со најтрофејниот кошаркарски колектив кај нас.

Станува збор за поранешен сениорски репрезентативец, кој по трите години минати во првиот тим на аеродромци (2016-2019) настапуваше уште и за Куманово, МЗТ Скопје 2 и за Академија ФМП. Минатата сезона во дресот на „академците“ одигра 32 натпревари во Првата лига со просек од 11 поени и 4,9 скока, додека на седум меча во БИБЛ лигата реализираше по девет поени и 5,4 скока.

Работнички и следната сезона ќе игра примарно со млади кошаркари и ќе нема шампионски амбиции, со цел да се продолжи враќањето на големите долгови од претходните сезони. Екипата се уште нема тренер, а во игра се Марјан Србиноски и Димитар Мираковски.