Почнува баскет-сезоната: МЗТ ќе проба да спречи ново (супер)куп-чудо на ТФТ!

По четири месечна летна пауза, кошарката од денеска повторно се враќа на терените во државата и тоа со пресметката помеѓу МЗТ Скопје и ТФТ (19.30 часот) во Суперкупот, кој втора сезона го носи името на прославениот и прерано починат тренер, Драган Василов-Цевка.

Аеродромци како шампион, но и како повратник во престижната АБА-лига, во мечот влегува како фаворит за четвртиот по ред, а вкупно петти трофеј во ова натпреварување, со цел да го повтори успехот од лани кога го совладаа Работнички.

„ТФТ е екипа за респект, има добар ростер на домашни играчи и квалитетни нови странци. Им се врати Андерсон тимот, кој во квалификациите за Лигата на шампионите покажа дека ќе им биде од голема помош. Сигурно итие гледаат свои шанси и очекувам еден добар дуел. Ние имаме поголемо искуство зашто играме со години во континуитет во АБА и во АБА-2, што верувам дека ќе се покаже на паркетот“, изјави Александар Петровиќ, тренерот на МЗТ.

Составот од скопската населба Тафталиџе ја продолжува својата успешна приказна, која беше крунисана со трофејот во Купот на Македонија. Ентузијастите од овој клуб сакаат да продолжат во ист стил и уште еднаш да го изненадат големиот противник, кого го победија во финалето на некогаш најмасовното натпреварување.

„Ова е натпревар за трофеј што секогаш дава дополнително значење и сигурен сум дека иако има претсезонски карактер двете екипи ќе влезат максимално концентрирани и подготвени за победа. МЗТ Скопје е сериозна екипа која одлично ги одработи подготовките. Гледавме дел од натпреварите, на кои иако на моменти покажаа супериорност во однос на ривалите, сепак имаа и свои слабости кои ние ќе пробаме да ги искористиме. Доколку успееме да ја исконтролираме нивната агресивност, парираме во скокот и имаме добра шутерска вечер – тогаш ќе може да се надеваме дека после Купот ќе можеме да дојдеме и до трофејот од Суперкупот“, изјави Боро Смилковски, тренерот на ТФТ.

Средбата се игра во салата СРЦ „Кале“, влезот е слободен, а предвиден е телевизиски пренос на МТВ-3.