По Работнички и МЗТ: И трет прволигаш пријави позитивни на Ковид-19 - двајци играчи!

Кошаркарскиот прволигаш Академија ФМП објави дека двајца кошаркари во тимот се позитивни на коронавирус. Тимот од скопската населба Кисела Вода е третиот клуб што пријави позитивни кошаркари на Ковид-19. 

Претходно се појавија тројца во мак-баскетот, двајца во таборот на Работнички и еден кај МЗТ Скопје. 

„И покрај тоа што клубот ги следеше сите препораки и сите протоколи за работа при услови на пандемијата од Ковид-19, двајца играчи од нашата екипа се позитивни на корона вирусот. Им посакуваме лесно и брзо справување со вирусот.

По препорака на институтот за јавно здравје целата екипа оди во карантин.

Чувајте го вашето и здравјето на вашите најблиски!“, стои во соопштението на клубот. 

Кошаркарското првенство требаше да стартува овој викенд, но челниците на федерацијата го одложија 1.коло за следниот викенд, откако се појавија позитивните случаи во  таборот на Работнички. Останува да видиме дали овие нови позитивни кошаркари во Академија ФМП ќе придонесат за ново одложување на првенството.