По две сезони во Блокотехна: Шампионот во БИБЛ седнува на клупата на АВ Охрид!
Тој доаѓа на местото на Петар Чочоровски, како потврда на сериозноста и амбициите на тимот од бисерот крај Охридското езеро. За Илиевски ова е четврти домашен предизвик, по работата како прв тренер во Лирија (2012-2014), Кожув (2016) и Блокотехна (2017-2019), а зад себе има и успешена сезона во Сигал Приштина (2014-15). Се шпекулираше дека ќе замине во Бугарија каде што беше споменуван со трансфер во шампионот Балкан, но, сепак, реши да остане во Македонија.
„АВ Охрид дефинитивно е мојата следна дестинација, каде што се надевам дека заедно со првиот човек Милчо Донески и менаџментот ќе успееме да реализираме една нова успешна приказна, која ќе стане примамлива средина за спортските работници. Се надевам дека ќе имаме свој позитивен удел и препознатливост во новата сезона, наметнувајќи го имиџот кој треба да го изградиме. Наша амбиција е прво да се изгради здрав играчки колектив и професионалност, со добра подлога на организација и услови, кои би овозможиле да се цели кон подобар резултат“, ни изјави Илиевски.
Илиевски во само две години, заедно со амбициозната управа и првиот човек на Блокотехна, Томе Главчев и секако играчите, од дебитант направи повеќе од респектабилен тим. Во првиот прволигашки настап обезбеди полуфинале во трите натпреварувања во кои играше овој клуб (првенство, Куп и БИБЛ), а сезонава направи и голем исчекор со победнички пехар во БИБЛ, историско финале во Купот на Македонија и ново полуфинале во плејофот во кое по херојска битка загуби од Работнички дури во „мајсторката“ во Скопје.
„Никогаш нема да го заборавам престојот во Блокотехна, како и луѓето кои со јасна визија знаеја како да ги почнат првите чекори со овој нов клуб во македонската кошарка. Максимално сум му благодарен на господинот Главчев и на неговото семејство кои се 'инфицирани“ со овој спорт и имаа доверба во мене, на која возвратив на најдобар начин. Посакувам спојувањето со Кожув да биде успешен проект, бидејќи Гевгелија го заслужува тоа. Блокотехна ќе остане пример за тоа како за кратко време да се стане препознатлив на кошаркарската карта. Можеби ќе беше поправедно, а сигурно и заслужено да одигравме уште едно финале, а убеден сум дека тоа ќе беше подобро и за макбаскетот во целост. Тренерската работа носи промени, но голем дел од мене ќе остане заедно со овој тим и со луѓето кои беа најзаслужни за неговото постоење. Се надевам дека во иднина повторно професионално ќе ни се вкрстат патиштата, а приватно веќе имаме зацврстено однос на взаемна почит. Ќе ми остане само неостварена желба настапот во АБА2, кој двапати ни беше на дофат и клубот имаше покана за такво нешто“, дополнува доскорешниот стратег на тимот од Негорци.
Илиевски во моментов е најтрофеен македонски тренер ако се сметаат меѓународните натпреварувања со двата пехари во БИБЛ-лигата (Сигал Приштина во 2015 и Блокотехна во 2019). Исто толку има и Александар Тодоров, прво со Рилски спортист, а потоа со Левски Лукоил, со тоа што вториот успех му е како помошник во стручниот штаб. Еден трофеј има и Емил Рајковиќ со Фени индустри во 2011 година.