Пелистер со ултиматум до КФМ – или топли сали или нема да играме!
Главниот акцент во барањето е ставен на обезбедување адекватна температура во спортските сали и исполнување на сите технички услови за одигрување натпревари. Од клубот нагласуваат дека барањето не е насочено против ниту еден клуб или федерацијата, туку е мотивирано од желбата кошарката во 2025 година да се развива во вистинска насока.
„Здравјето на играчите треба да биде приоритет за сите клубови. Несоодветните услови можат да доведат до несакани повреди, што ќе чини повеќе од загревањето на салите за натпревари. Исто така, навивачите заслужуваат нормални услови за следење на натпреварите,“ се вели во изјавата на клубот.
Битолчани истакнаа дека нема да прифатат играње во сали кои не ги исполнуваат веќе пропишаните услови од КФСМ. Покрај тоа, клубот достави предлог до Здружението на прволигаши за промена во системот на делегирање на судии. Тие предлагаат судиите за натпреварите да се одредуваат со ждрепка, со цел да се гарантира фер услови и еднакви шанси за сите екипи.
„Целта е натпреварите да се одлучуваат исклучиво на теренот, а не преку сомнително делегирање. Искрено веруваме дека овие предлози ќе добијат поддршка, бидејќи се суштински за подобрување на кошарката,“ порачаа од клубот.
Според актите на КФМ, минималната температура во салите мора да биде најмалку 12 степени, односно најмногу 30 степени целзиусови. Барањето за адекватни услови во греењето и за ждрепка кај судиите, нешто што го имаше во кошарката пред повеќе години и беше напуштено како „неуспешен експеримент“ доаѓа во пресрет на гостувањето на Пелистер кај МЗТ Скопје во реприза на двете финални пресметки од минатата сезона. Битола, пак, во минатото важеше за една од најстудените сали во државата, но тој проблем се надмина со реновирањето пред настапот на ракометниот тим на Пелистер во Лигата на шампионите.