Пелистер со искусен центар од САД ќе проба да ја прекине доминацијата на МЗТ!
Станува збор за 27-годишен кошаркар висок 206 сантиметри, кој треба да биде од огромна помош за тимот на тренерот Александар Петровиќ во борбата под обрачите. Едвардс има богато искуство од настапи ширум Европа, а последната сезона ја минал во грузискиот прволигаш Ткибули Орби. Таму важеше за лидер во тимот и тоа со просек од 15,5 поени 6,8 скокови и 1,1 блокада по натпревар.
Новиот член на зелено-белите настапуваше за Универзитетот Џорџија во НЦАА-лигата се до 2019 година, по што има играно во Канада, од каде што доаѓа во европската кошарка и има настапувано за екипи од Азербејџан, Русија, Косово и Грузија, за летово да пристигне и во таборот на македонскиот вицешампион.
Едвардс е уште едно во низата засилувања на Пелистер, откако претходно беа ангажирани Србинот Андрија Бојиќ, Бобан Стајиќ, Виктор Ташовски, Петар Бошалески, Дамјан Крстевски, Димитар Пандев и американскиот бек Брајан Антоан. Битолчани во новата сезона ќе пробаат ја прекинат доминацијата на МЗТ Скопје, од кого ги загубија последните три финални дуели во првенството и годинешното финале во Купот на Македонија.