Пелистер немаше милост – го остави Кожув без настап на завршницата од Купот!
Битолчани со овој триумф го осигураа второто место на табелата по првиот ден од регуларната фаза од првенството, но истовремено ги спречија гевгеличани да се најдат на фајналејт турнирот од Купот на Македонија. Некогашниот куп-финалист во ова натпреварување пресекот ќе го заврши како деветопласиран, односно како прв под линијата што ги определува учесниците во ова натпреварување. Зелено-белите од Битола клучната предност ја обезбедија со серијата 10-3 во третиот период со која дојдоа до плус седум (51-44), која потоа умешно ја задржаа до самиот крај. Јуре Планиниќ со 14 поени и 11 скока беше прво име во битолскиот тим.
Кошаркарите на Работнички, пак, се рехабилитираа по неочекуваниот пораз минатиот викенд на домашен терен од Феникс, по кој беа вербално нападнати од сопствените навивачи, па вечерва како гости го прегазија Гостивар (86-65). Гостински триумф оствари и Чаир 2030, кој немаше мака против ГКК Охрид (74-64). Завчера, МЗТ Скопје ја совлада Академија ФМП, додека Вардар и Еуро Никел односно Феникс и ТФТ играат утре.