Пелистер и третпат немоќен: Магичниот Војдан му ја донесе десеттата титула на МЗТ (ФОТО)

Кошаркарите на МЗТ Скопје дојдоа до десеттата шампионска титула, откако вечерва и по третпат го совладаа Пелистер (92-83) во финалната серија, со што ставија крај на перфектниот настап во плејофот, кој го завршија со седум победи без ниту еден пораз.

Првата средба од финалето во Битола донесе рамноправно прво полувреме, но аеродромци сите дилеми околу победникот ги решија во третата четвртина. Сино-белите со серија 21-8 дојдоа до огромни плус 14 (66-52) со што покажаа дека немаат намера да останат во Пелагонијата за евентуален четврти натпревар. Почетокот на последната четвртина донесе и највисока предност на гостите со 16 поени (73-57), што донесе опуштање кај кошаркарите од „Јанен Сандански“, кои како веќе да почнаа да размислуваат за прославата на титулата. Битолчани го искористија тоа и со серија 15-6 намалија на минус седум (72-79) со што ја кренаа атмосферата во салата. Но, ентузијазмот на домашните го смири Дастин Вер со тројка за ново двоцифрено водство (82-72), кое дефинитивно ги реши дилемите околу победникот, а со тоа и околу ново-стариот шампион.

Јунак на вечерта беше Војдан Стојановски, кој го одигра можеби најдобриот натпревар на македонската кошаркарска сцена и заслужено го доби признанието за МВП на финалната серија. Репрезентативецот ја заврши средбата со 33 поени и тоа со само две промашувања (6/7 за тројка, 6/7 за двојка), на што додаде и седум скока. Двоцифрени кај МЗТ беа уште и Вер со 16 поени (4/4 за тројка) и Абдул-Малик Абу со 12 поени. Донтај Карутерс со 18 поени беше најпрецизен кај зелено-белите.

За МЗТ Скопје ова воедно е четврти шампионски трофеј по ред, со што ја намали разликата на вечната листа зад Работнички, кој сега има пет пехари повеќе. Далеку зад оваа двојка е Фени индустри со три титули.