Кошаркарите на МЗТ Скопје се на еден чекор до освојување на седмата шампионска титула, откако вечерва, по голема борба, како гости го совладаа големиот ривал Работнички (69-60) и поведоа со 2-0 во финалната плејоф-серија што се игра до три победи.

Актуелниот шампион даде сѐ од себе, но без повредениот Димитар Мираковски и без Димитар Караџовски, кој исто така се повреде по само 30 секунди од мечот, немаше доволно квалитетни играчи да му парира на силниот противник. Домаќинот водеше повеќе од 30 минути, но серијата 12-0 на сино-белите во четвртиот период го реши натпреварот, со оглед што со тоа аеродромци од минус четири дојдоа до плус осум (62-54) што на крајот се покажа како доволно за посакуваниот триумф.

Центарци без разлика на проблемите многу подобро го отворија натпреварот, нешто слично како на првата средба во која подоцна доживеаја потоп. Иницијативата дојде уште од првиот напад, а неколку минути пред крајот на првиот период домаќинот дојде и до двоцифрено водство (19-9). Ваквиот однос на силите продолжи и до крајот на полувремето, а главна причина што црвено-белите постојано го диктираа ритамот беа големиот број погодени тројки (девет во првото полувреме). На ова се додаде и лошата организација на нападите на гостите од Аеродром, кои неочекувано имаа дури девет загубени топки во првите 20 минути од мечот.

Слично се играше и во третите десет минути, во кои двете екипи грешеа најизменично, а водството на Работнички се движеше само помеѓу еден и пет поени. И секогаш кога МЗТ Скопје ќе направеше напор да го презеде водството, домаќинот враќаше со далекуметен проектил за повторно да дојде до покомфорно водство.

Ваквиот однос на силите продолжи сѐ до средината на последната четвртина, кога „металците“ заиграа далеку поангажирано во одбрана, агресивно на целиот терен, што конечно им го донесе првото водство. Со серијата иницирана од Дамјан Стојановски, во која тој постигна осум поени, а неговиот тим четири повеќе за 62-54, гостите првпат се најдоа во можност да го диктираат ритамот. Тоа ги донесе до контрола врз играта и до целта, а тоа е брејк на теренот на противникот.

Стојановски со 16 поени и 10 скока беше најдобар кај сино-белите, каде што Иве Иванов имаше 10 поени со девет скока. Чавдар Костов со 19 поени беше најпрецизен кај Работнички.

МЗТ Скопје првиот шампионски бал ќе го има веќе задутре, кога во „Јане Сандански“ ќе биде домаќин на третата средба од серијата за титула.