Останува во Аеродром: МЗТ и официјално го осигура најважниот потпис летово!

Екипата на МЗТ Скопје ќе биде исклучително засилена во новата сезона, откако денеска официјално ја продолжи соработката со најдобриот македонски кошаркар во моментов, Војдан Стојановски (34 год, 194 см) и тоа на дополнителни две години.

Ова беше примарната цел на тимот од Аеродром, кој по четиригодишна пауза се врати во АБА-лигата, каде што го чека пеколен старт со дуели против Црвена Звезда и Партизан веќе во првите две кола од новиот регионален шампионат. За Војдан ова, пак, значи и најверојатно решение за завршување на кариерата на домашна сцена, иако со оглед на квалитетот на неговата игра за очекување е дека крајот на договорот со „металците“ за него нема да значи и автоматско пензионирање. Репрезентативецот летово имаше понуди од Франција, пред се од поранешниот европски шампион По Ортез, но во последен момент реши по повеќе од една деценија играње во странство да остане во татковината и да помогне за подостојна репрезентација на мабаскетот и на клупска сцена.

Војдан досега трипати беше најдобар кошаркар во Македонија (2009, 2011 и 2015 година), а во својата богата ризница има по два македонски круни и куп-трофеи, пехар од првенството на Украина и триумф во Купот на Германија. Тој е единаесеттиот кошаркар со кој во моментов располага тренерот Александар Петровиќ, по Дамјан Стојановски, Адем Мекиќ, Бојан Крстевски, Андреј Магдевски, Дамјан Робев, Андреј Андоноски, Американците Бре Ајви, Мајк Кафи и Еван Максвел, како и српскиот интернационалец Страхиња Миќовиќ. Тука се и талентираните Димитар Иванов, Бојан Величковски и Марко Спасовски.