МЗТ Скопје се засили со поранешен младински репрезентативец на Турција!

Екипата на МЗТ Скопје дополнително ја засилува центарската линија во пресрет на вториот дел од сезоната, откако денеска потпиша договор со поранешниот репрезентативец на Турција во сите младински категории, Рагип Атар (20 год, 210 см).

Станува збор за доскорешен кошаркар на турскиот тим Банвит, од кого во Аеродром очекуваат да им помогне на Бојан Крстевски, Андреј Маслинко, Марин Морнар и Бојан Радуловиќ во битките под кошевите. Атар за тимот од Бандирма настапувал во турското првенство, но и во Лигата на шампиони на ФИБА, а во таборот на „металците“ ќе се обиде да се избори за што поголема минутажа.

Новиот член на МЗТ Скопје зад себе има настап на три Европски и на едно Светско првенство во дресот на Турција. За одбележување е неговиот настап на СП за играчи до 17 години во 2016 година, на кое имаше просек од 11,4 поени и 8,7 скока, како и на јуниорското ЕП истата година кога просечно реализирал 14,4 поени и осум скока. Најдобар репрезентативен настап имал на континенталниот собир за играчи до 18 години во 2017 година, со просек од 16,4 поени и 7,9 скока.

Дебито на Атар во сино-белиот дрес се очекува веќе в четврток на домашен терен против словенечки Хелиос во меч од АБА2-лигата.