Непријателот на Џордан и Пипен постхумно откри зошто го „растури“ шампионскиот Чикаго!

Документарниот серијал „Последниот танц“ на виделина извадо работи кои досега не биле познати во врска со Мајкл Џордан и Чикаго булс, меѓу кои е и фактот што генералниот менаџер на „биковите“, Џери Краус, бил сметан за најголем непријател за „Летечкиот Мајкл“ и Скоти Пипен.

Двајцата му биле лути што тој повеќе му обрнувал внимание на Тони Кукоч отколку на нив двајца, иако тие биле најзаслужни за шампионската династија, но и за изјавите во пресрет на последната сезона против тренерот Фил Џексон. Краус почина во 2017 година, поради што не можеше да се одбрани од нападите искажани во документарецот, но неговото семејство затоа дозволи да бидат објавени сегменти и неговите мемоари, кои не успеал да ги доврши и кои поради тоа, разбирливо, останале необјавени.

Контроверзниот генерален менаџер детално објаснува зошто решил да го распушти шампионскиот тим по освојувањето на пехарот во 1998 година, иако Џордан сметал дека истиот состав можел лесно да дојде и до седмиот трофеј.

„Ене го Џери Краус, човекот кој ја распадна шампионската династија. Ене го Џери Краус, човекот со големо его кој сакаше да создаде шампионски тим без Џордан и Џексон, тоа е човекот кој мислеше дека е поважен од играчите и тренерот.

Постојано читав вакви коментари во медиумите и сигурно имаше уште илјадници слични коментари за кои не знаев. А, вистината ја знаевме само сопственикот Џери Реинсдорф, јас и уште неколку луѓе од организацијата на Чикаго. Дали ја распаднавме екипата за да го задоволиме нашето его и да докажеме дека може да победуваме и без тие кошаркари и тренер? Дали навистина мислите дека луѓето кои работеа на тоа постојано да победуваме се толку глупави и да дозволат егото да ги запре на патот кон новите победи. Годините почнаа да го стигнуваат Денис Родман, Лук Лонгли беше неподвижен, а ние како шампиони на НБА-драфтот биравме како последни и немаше шанси да дојдеме до екстра квалитетен играч, како што ни се посреќи во 1990 година со изборот на Тони Кукоч.

Но, навивачите мислеа дека Мајкл Џордан може сѐ да направи сам или заедно со Пипен, за кого забораваат дека во последните две години имаше две операции. Го имаме најдобриот тренер, Фил Џексон, за кој јавноста не знае дека не сакаше да ја води екипата во реконструкција и пред сезоната ни кажа дека ќе земе одмор на една година.

Сега ќе ве однесам на местото на кое никој не бил освен ние малкумината, на состанокот во јули 1998 година на кој бевме Џери Реинсдорф, јас, мојот асистент Џим Стак, Ал Вермеил, клупските лекари и хирурзи, потпретседателот за финансии Ирвин Мејдел и Карен Стак. Вермеил знаеше се за здравствената состојба на кошаркарите и од него баравме да ни достави и писмен извештај. За Фил знаевме дека си заминува, бидејќи ни кажа осум месеци порано.

Првото прашање кое го поставив беше, уште колку можеме да извлечеме од Лук Лонгли, а лекарите ми рекоа дека набрзо буквално ќе се распадне. Следното прашање беше околу Родман бидејќи сите се плашеа од неговиот приватен живот кој штетно влијаеше на неговото тело и последната сезона едвај ја одигра.

Ок, тогаш немаме центар и немаме крилен центар, а многу малку простор во селари-капот. Кој ќе го брани рекетот кога ќе се вратат Џордан и Пипен, кој ќе скока по топките? Потоа дојде на ред Пипен. Скоти имаше две тешки операции во последните две сезони иако не сакаше да нѐ послуша и втората да ја направи порано. Со право бараше да биде платен како суперѕвезда. Дали беше вредно да се ризикува со него кога немавме центар и крилен центар, искрено се сомневам. Нашите резервни играчи имаа далеку подобри понуди од другите екипи и беше нормално дека ќе си заминат, додека Џордан претходно ни најави дека нема шанси да игра за друг тренер освен за Фил.

Сега ставете се во нашата позиција и што вие би направиле, дали ние ја распаднавме династијата или играчите веќе беа потрошени и не можеа да го даваат на теренот тоа што даваа претходните сезони. Тоа лето дојде и локдаунот во НБА, не се играше кошарка со наредната година, а згора на тоа ни се влошија работите. Мајкл Џордан го исече прстот и поради тоа не можеше да игра цела година. Но, Мајкл беше фер и ни кажа за ваквата состојба, исто така не сакаше да игра за екипа која тргна во реконструкција и во која го нема Фил на клупата.

Пред крајот на локдаунот, ни се јави агентот на Скоти и не замоли да му направиме услуга што и го сторивме. Направивме 'потпис и размена' со Хјустон со што Скоти доби 25 милиони долари повеќе отколку да потпишеше директно со Хјустон. Ова беше еден вид на подарок за разделба од мене и од Реинсдорф. Потоа ги повикав Стив Кер и Џад Бучлер на кои им реков дека немаме пари за нов договор и доколку пристигне некоја понуда за нив да ја прифатат.

Еве, ова е вистината за распадот на Чикаго“, пишува во мемоарите на Џери Краус.

Дека не било сѐ така лошо поврзано со Краус говори и завршницата од серијалот „Последниот танц“, кога дури и неговите најголеми ривали, Џордан и Пипен, го нарекуваат најдобар генерален менаџер во историјата на НБА, бидејќи успеал да создаде тим кој освои шест титули во осум години.