МЗТ со нова лекција за Работнички обезбеди полуфинале во Купот (ФОТО)

Кошаркарите на МЗТ Скопје без поголеми проблеми попладнево го преслушаа вечниот ривал Работнички (100-69) и обезбедија пласман меѓу најдобрите четири тима на завршниот турнир од Купот на Македонија, кој викендов се игра во Куманово.

Дуелот целосно мина во знакот на „металците“, кои клучната предност ја создадоа во втората четвртина. Со серија поени и цврста одбрана, МЗТ го доби овој период со 27-17 и на пауза замина со плус 11. Работнички се обиде да се врати во мечот по одморот и одигра солидна трета четвртина, но без конкретен резултат. Разликата не беше намалена, а во последните десет минути „центарци“ целосно се распаднаа.

Аеродромци погодуваа од сите позиции, ја зголемуваа разликата од напад во напад и на крајот стигнаа до трицифрен број на поени и убедлив триумф од 31 поен разлика. Најефикасен кај МЗТ беше Мек Смит со 17 поени, Илајџа Мекејден додаде 14, додека кај Работнички единствено светла точка беше Виктор Ефремовски со 26 поени.

МЗТ Скопје во утрешното полуфинале ќе игра против победникот од дуелот меѓу Кожув и Маџари.