МЗТ Скопје со нов тим и иста филозофија најавува агресивна игра по - целиот терен!

Тренерот на МЗТ Скопје, Васко Атанасов, по првата недела од подготовките даде првична оценка за новиот состав и откри што може да се очекува од актуелниот македонски шампион во новата сезона.

Актуелниот шампион почна активно се подготвува за новата сезона, а според стратегот, работата засега се одвива според планираното. „Металците“ во летниот период направија неколку промени во ростерот, со цел да добијат состав кој ќе одговори на амбициите на клубот.

„Подготовките се одвиваат според планот. Тимот е заедно, сите се здрави и работиме добро на адаптацијата и вклопувањето во нашиот систем. Успеавме да ангажираме играчи за кои сметаме дека добро ќе се вклопат во нашите идеи за игра“, вели Атанасов.

Предводникот на аеродромци посочува дека новиот ростер има поинаква структура во однос на минатата сезона, но и доволно искуство за да ги исполни високите очекувања.

„Сезонава имаме ростер кој е малку поинаков од претходните, со одлично ветеранско лидерство и играчи кои знаат што е потребно за да се победува. Секако, ќе се стремиме да бидеме агресивни на двете страни од теренот, а брзината ќе биде нешто што е клучно за нас“, додава тренерот.

Како и во изминатите сезони, голем дел од одговорноста ќе падне врз капитените и искусните браќа Војдан и Дамјан Стојановски. Атанасов верува дека со новите засилувања тимот ќе добие дополнителен квалитет во нападот и во рекетот.

„Како и секогаш, столбот на тимот ќе бидат браќата Стојановски, а со додавањето на нашиот плејмејкер Ноа Фаракан, кој е вистински поентер на позицијата еден и ќе го надополни нашиот напад, тие ќе бидат едни од темелите на тимот. Ангажманите на искусниот центар Димитрије Николиќ и разноврсниот Лесли Варнер ќе ни дадат предност што ја немавме минатата сезона“, истакнува Атанасов.

Амбициите на МЗТ Скопје, како и секогаш, се највисоки. Клубот сака да биде конкурентен на сите фронтови и повторно да се бори за трофеи.

„Нашата цел секогаш е иста – победа на секој натпревар, атак на секој трофеј, како и достојна презентација на Аеродром и на македонската кошарка во целост. За тоа ни треба и помошта од трибините, која сигурен сум дека нема да изостане. Заедно сме најсилни!“, порача тренерот на МЗТ Скопје.

Сино-белите сезонава освен во домашните натпреварувања и АБА2 лигата по 25-годишна пауза ќе се „пробаат“ и во Европа и тоа во ФИБА Еврокупот.