МЗТ остана без центар: Јигитоглу си го откупил договорот за да се врати во Турција!

МЗТ Скопје во иднина нема да може да смета на турскиот центар Самет Јигитоглу (18 години), откако неговите менаџери ја искористиле можноста од договорот и ја платиле откупната клаузула со цел да го вратат во Турција и тоа во тимот од каде што и дојде во Аеродром – Бешикташ.

Станува збор за талентиран кошаркар кому му предвидуваат светла иднина, но кој има уште многу да работи за да ги оправда очекувањата. Зад Јигитоглу остануваат неколку добри средби во регионалното натпреварување, пред се дуелите против Црвена Звезда во Белград (12 поени и 14 скока), СЦ Дерби во Скопје (13 поени и седум скока) и ФМП во Белград (15 поени и пет скока). Но, тој на последните седум меча во АБА постигна вкупно 22 поени, што на 14 одиграни средби му донесе просек од 5,7 поени и 4,5 скока.

МЗТ веќе засилено работи на ангажирање поквалитетна опција на центарската позиција и тоа речиси сигурно од САД, со цел да го направи и последниот обид за опстанок во регионалното натпреварување, каде што во моментов е последен со скор 2-12.