МЗТ на чекор до нов трофеј: Првакот по ист рецепт и вторпат подобар од Пелистер (ФОТО)
Аеродромци речиси на идентичен начин како пред три дена го обезбедија триумфот, откако клучната предност ја остварија уште во првото полувреме. Овој пат тоа беше уште во првата четвртина, кога со серија 18-4 дојдоа до првата двоцифрена предност (23-13), која потоа умешно ја одржаа до крајот. Налетот на сино-белите продолжи и во вториот период, кога дојдоа до највисоките на мечот плус 15 (42-27), а двоцифрената предност константно ја одржуваа до крајот на третата четвртина.
Битолчани малку се подразбудија во последните десет минути, кога со агресивна зонска одбрана направија серија 9-1 и намалија на само минус шест (63-69), а имаа и неколку напади за дополнително да му се доближат на домаќинот. Но, кога беше најважно на сцена стапи Војдан Стојановски, кој со тројка зголеми на 74-65 и стави крај на дилемите околу победникот.
Стојановски беше и најдобар на мечот со 23 поени, додека зад него во тимот од „Јане Сандански“ беа Абдул-Малик Абу со 15 поени, како и Мајк Кафи и Андреј Андоновски со по 12 поени. Андреј Маслинко со 16 поени и 10 скока беше најдобар кај пелистерци.
Третиот меч од серијата, кој ќе значи и прва меч-топка за МЗТ Скопје, ќе се одигра в недела во Битола.