МЗТ лесно го среди МКК Куманово, Работнички рутински до третата победа во низа (ФОТО)
Гостинската екипа до ова коло беше без пораз, но денеска немаше одговор за фантастичната одбрана на шампионот, па вториот најдобар напад во лигата, кој претходно постигнуваше во просек по 94 поени, вечерва остана на само 60. Единствено во последната четвртина, кога победникот веќе беше решен, МКК Куманово ја мина границата од 20 поени.

По лошата прва четвртина која заврши нерешено (12-12), МЗТ во вториот период се разбуди во нападот, до полувреме направи предност од шест разлика, а веќе во третата четвртина дојде и до двоцифрено водство. Сите дилеми околу победникот беа решени пред крајот на третиот и почетокот на последниот квартал кога шампионот направи серија од 13-0 и отиде на огромни 58-37 кои гостите потоа не успеаја да ги загрозат. Гил со 23 поени беше најефикасен кај МЗТ Скопје, а само уште Војдан Стојановски беше двоцифрен, со 19. Кумановци немаа ни толку, само еден и тоа Радукиќ кој оствари дабл дабл со 17 поени и 13 скока.
Работнички немаше никакви проблеми против Гостивар и во Кале го совлада со 75-50. Се беше решено уште во првото полувреме кое тимот од Градски парк го доби со 41-30, но за секој случај, домаќините одиграа одлично и во третиот период, колку да стават точка на сите дилеми.
Онил и Томпсон го предводеа Работнички со 20, односно 18 поени, додека во тимот на Гостивар, најефикасен беше Абрам со 18 поени.






