МЗТ лесно го преслуша Пелистер за првиот чекор на патот кон „десетката“ (ФОТО)
Неизвесноста траеше само до средината на вториот период, кога домашниот тим уфрли во „петта“ брзина и во неколку минути со серија 18-4 дојдоа до огромни плус 16 (39-23), кои потоа умешно ги задржаа. Аеродромци во второто полувреме во неколку наврати ја зголемија предноста и со повеќе од 20 поени, како потврда на далеку подобрата игра на оваа средба во однос на противникот.
Играта под кошевите се покажа како клучна за крајниот епилог, со оглед што центрите на МЗТ Скопје доминираа со ефикасноста и во скок-играта. „Металците“ остварија дури 15 скока повеќе (46-31), а Абдул-Малик Абу и Бојан Крстевски го полнеа кошот на битолчани буквално од секоја позиција. Американецот мечот го заврши со 20 поени и шест скока, додека македонскиот репрезентативец дополни со 15 поени, седум скока и пет асистенции. Бобан Стајиќ и Кени Карпентер со по 16 поени беа најпрецизни кај Пелистер.
Втората средба од финалната серија се игра веќе в среда и тоа повторно во „Јане Санднаски“ во Аеродром. Третата средба сигурно ќе се игра во Битола следниот викенд, одигрувањето на последните два натпревари ќе зависи од исходот на следните два меча.