МЗТ го потврди заминувањето на Магдевски, без целосно да се откаже од него!

Андреј Магдевски од вечерва и официјално не е кошаркар на МЗТ Скопје, откако упавата на клубот ги потврди најавите од утринава за прекин на соработката со репрезентативниот плејмејкер.

Во соопштението на тимот од Аеродром не се наведуваат деталите околу раскинот, но се потенцира дека ова не значи дефинитивен крај на приказната помеѓу клубот и кошаркарот.

„Плејмејкерот летоска дојде во нашиот клуб од романскиот тим Плоешти, но по неколку месеци од новата сезона изрази желба за промена на локацијата. Во неколку долги разговори со кошаркарот, дојдовме до заеднички заклучок дека во моментов најдобро за двете страни е да се прекине соработката и да му се овозможи да најде средина во која ќе може уште подобро да се снајде и искаже. Ова, секако, не значи дека нашата приказна засекогаш завршува тука, со оглед што пред него допрва се најубавите играчки години, а вратите на гордоста на Аеродром постојано се отворени за најдобрите македонски кошаркари“, се вели во соопштението на актуелниот кошаркарски првак.

Магдевски сезонава настапи на седум средби во АБА-лигата со просек од 4,9 поени, 2,7 скока и 5,4 асистенции за 17 минути просечно минати на паркетот, додека во македонската Прва лига на шест натпревари реализираше по 6,5 поени, 4,8 скока и 3,7 асистенции за нешто повеќе од 20 минути во просек. За него ова беше втор опус во таборот на МЗТ, откако претходно настапуваше за овој тим во периодот помеѓу 2018 и 2021 година.