МЗТ го потпиша и десеттиот кошаркар – двоен првак и репрезентативец на Македонија!

Актуелниот освојувач на двојната круна, екипата на МЗТ Скопје, денеска го дополни ростерот за новата сезона, откако го официјализира враќањето на репрезентативецот Андреј Магдевски (28 год, 192 см).

За него ова ќе биде трета епизода во сино-белиот дрес, откако претходно настапуваше во периодот помеѓу 2018 и 2021 година, а потоа и во 2022 година, кога по неколку месеци замина во Холандија. Магдевски со „металците“ има освоено две шампионски титули и тоа во 2019 и 2021 година, кога беше избран за најкорисен МВП играч на финалната серија.

Репрезентативниот плејмејкер е десеттиот кошаркар во составот со кој тимот од „Јане Сандански“ ќе ја брани двојната круна на домашна сцена и ќе се обиде да се врати во АБА-лигата. Покрај него во тимот засега се Дамјан и Војдан Стојановски, Бојан Крстевски, Марин Петков. Андреј Андоноски, Марко Миловановиќ, како и интернационалците Брандон Слај (САД), Марко Баковиќ (Хрватска) и Милош Копривица (Србија).

Новата сезона за МЗТ Скопје официјално почнува на 24 септември со домашниот меч против Теодо Тиват во АБА2.