
Момент за историја: Македонија ја доби првата судијка со знакот на ФИБА!
Станува збор за 29.годишна поранешна кошаркарка, која покрај определбата да биде професионален физиотерапевт реши да почне и нова интернационална кариера како дел од најдобрата судиска фела во светот.
„Почнав да судам пред седум години и тоа натпревари во училишните лиги, но и т.н. ‘мали лиги' во Шведска. Во сениорски ранг ‘влегов’ во втората половина од натпреварувачката сезона 2018/2019, а веќе во наредната почнав да судам натпревари од највисокото ниво. Минатата сезона судев на 25 натпревари од Втората и Третата лига-мажи, но и дваесетина натпревари од женската Прва лига, вклучувајќи го и женскиот Суперкуп“, вели Никочевиќ.
Првата македонска судијка има јасни цели за предизвиците што се пред неа.
„Сакам да стекнам меѓународно искуство, да учам од најдобрите ФИБА-судии. Со нетрпение очекувам да запознаам нови луѓе, да ги проширам моите хоризонти и стекнување кошаркарски пријатели од целиот свет. Исто така, сакам да поттикнам повеќе женски колеги во обидите да станат судии и комесари на ФИБА во мојата земја“, дополнува Никочевиќ.
Нејзината промоција, како и веќе солидното искуство даваат гаранции дека талентираната Ема годинава ќе добие шанса да ја дели правдата и на мечевите од најелитниот машки ранг, со што би отворила уште едно ново поглавје во македонската кошарка.