МКК Куманово рутински до пласман на Ф8 од Купот

МКК Куманово вторпат по ред ќе учествува на завршниот турнир од Купот на Македонија откако вечерва ги совлада Ангели со 95-65.

Кумановци требаше само формално да го одиграат денешниот меч бидејќи беа апсолутни фаворити во дуелот со повратникот во елитата. Огромен дел од работата завршија по само три минути игра во кои направија 17-2 за потоа мирно да го одиграат остатокот од натпреварот.

Репрезентативецот Максим Митевски беше најефикасен со 20 поени, но се истакнаа и Стевановиќ кој постигна 18 поени, 8 скока и 8 асистенции и Луковиќ со 18 поени и 7 асистенции. Фордхам ги предводеше Ангели со 15 поени.

Во четвртфиналето во февруари, МКК Куманово ќе се сретне со тимот на Пелистер кој го освои четвртото место по првата полуетапа од првенството.