Мираковски: Не можам да го простам незалагањето, можно е да има промени во тимот!

Поранешниот кошаркарски репрезентативец на Македонија, Димитар Мираковски, по лошо ќе го памети своето прво вечно дерби како тренер на Работнички, откако неговиот тим вечерва беше збришан од МЗТ Скопје (68-93) и тоа среде „Градски парк“.

Популарниот Мите самокритично го анализираше натпреварот.

„Поразот од дебитантот Академија ФМП не боли колку што нѐ боли вечерашниот неуспех против најлутиот ривал. Факт е дека формата и квалитетот се на страна на МЗТ Скопје, но не можам да го простам незалагањето на моите кошаркари. Сме имале и три пати послаба екипа од ривалот, па сме го победувале. Можно е да има промени и некои дополнителни засилувања, ќе одлучиме од утре што ќе правиме“, изјави Мираковски.

Една од опциите за експресно засилување е репрезентативецот Марко Симоновски, кој во моментов е слободен кошаркар, откако пред неколку дена го раскина договорот токму со МЗТ Скопје.