Мираковски најавува подобри времиња: Работнички допрва ќе се засилува и тоа – квалитетно!

Најтрофејниот кошаркарски колектив кај нас, екипата на Работнички, сезонава игра во променлива форма, поради што првиот дел од сезоната го заврши дури како петтопласиран со скор 7-4, односно со две победи помалку зад лидерот на табелата, МЗТ Скопје.

Тоа е главната причина поради која центарци за време на паузата направија одредени промени, меѓу кои беа заминувањето на Американецот Двејн Бенџамин, како и договорувањето на сите детали за ангажман на досегашниот плејмејкер на Куманово, Марјан Младеновиќ. Но, тоа не е сѐ од „Градски парк“ од каде што доаѓаат сериозни најави за подобри времиња.

„Промените во играчкиот кадар се очекувани и планирани, пред се во делот со заминувањето на Бенџамин и договорот со Младеновиќ. Во меѓувреме во тимот се врати и Стефан Младеновиќ, со кого дефинитивно ќе го прошириме ростерот. Но, тоа нема да биде крај на новитетите во Работнички. Наскоро ќе се засилиме со уште еден играч на надворешните позиции, а планирано е уште едно засилување, кои сакаме да биде квалитетно и со кое сме во завршна фаза од преговорите. Можеби нема да стигне за првиот меч викендов, но би требало да биде во тимот веќе од наредниот“, вели тренерот на Работнички, Димитар Мираковски.

Дебитантот на тренерската клупа е претпазлив околу прогнозите за до крајот на сезоната, а единствена желба во моментов му е неговиот тим да игра многу подобра кошарка од досега.

„Очекувам да играме многу подобро од тоа што го прикажувавме во првиот дел од сезоната. Од мене нема да добиете еуфорични изјави или најави, нема да ги добиете, бидејќи во моментов моја единствена желба е да играме навистина добра кошарка. Една победа плус во една ваква израмнета конкуренција многу значи, дури и за промена на местата на табелата. Името Работнички само по себе носи свои обврски и мора да бидеме на нивото на клубот, секогаш подготвени за највисоки дострели. Не сакам однапред да давам прогнози. Седум екипи се во трка за шест места во Суперлигата и сите имаат свои шанси. Ние воопшто не се занимаваме со проблемите и ситуациите во другите клубови, туку си ја гледаме својата работа и се трудиме да бидеме што е можно подобри, како што му прилега на клуб како Работнички“, дополнува Мираковски.

Центарци првиот меч од вториот дел од сезоната ќе го одиграат задутре (сабота) и тоа на домашен терен против Куманово (18 часот).