Македонски репрезентативец си замина од МЗТ Скопје за да потпише со - Куманово!

Македонскиот кошаркарски репрезентативец, Адем Мекиќ, во иднина ќе настапува во дресот на Куманово, откако договори соработка со македонскиот претставник во Балканската лига (БИБЛ), а официјалното потпишување договорот ќе се случи утре.

Претходно денеска, тој доби раскин на договорот со својот досегашен клуб, МЗТ Скопје и тоа на сопствено барање со желба да замине во средина каде што би добил поголема минутажа.

„Доаѓањето на Мекиќ и тоа како ни значи, со оглед што со него ќе добиеме 'длабочина' на клупата, но и квалитет кој веруваме дека го има. Веруваме во неговите можности и сигурни сме дека може уште повеќе да напредува“, велат од таборот на Куманово.

Мекиќ настапи на четири средби во сино-белиот дрес во АБА-лигата сезонава, со просек од три поени за 17 минути кои ги минуваше на паркетот. Нешто поголем му е уделот во средбите од домашниот шампионат, каде што просечно реализираше седум поени со 2,5 скока.

За македонскиот репрезентативец ова беше четврта сезона во дресот на МЗТ Скопје, а неговото деби за кумановци најверојатно ќе се случи задутре во мечот на домашен терен против бугарски Рилски спортист.