Маџари денеска ги платил долговите - доцнел поради технички проблеми и летните одмори!

Македонскиот суперлигаш Маџари реагираше експресно, откако претходно не доби лиценца од Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) за настап во сезоната 2026/27, поради тоа што не ги исполнил финансиските критериуми.

Маџари информира дека денеска во целост ги подмирил сите финансиски обврски, а објасни дека задоцнувањето во подмирување на обврските било резултат на технички проблеми и летните одмори.

„Во врска со денешната објава на КФСМ, во која КК Маџари е наведен меѓу клубовите кои, поради неплатени обврски, немаат право на лиценца за натпреварувачката сезона 2026/2027, ја информираме јавноста дека денес КК Маџари во целост ги подмири сите свои финансиски обврски.

Задоцнувањето во подмирувањето на обврските беше резултат на технички проблем со службениот e-mail на клубот, како и периодот на летни одмори, што предизвика доцнење во комуникацијата и реализацијата на плаќањата.

Воедно, сакаме да истакнеме дека ова соопштение од КФСМ доаѓа во исклучително неблагодарен момент за нашиот клуб. Имено, токму денес очекуваме официјална информација во врска со нашата апликација за учество во АБА2 лигата, процес за кој КФСМ е целосно запознаена и информирана.

Искрено веруваме дека времето и начинот на објавување на оваа информација не се тенденциозни и дека на сите нас, без исклучок, ни е заеднички интерес развојот и афирмацијата на македонската кошарка. Убедени сме дека секое меѓународно учество на македонски клуб претставува придобивка за македонскиот спорт и дека сите посакуваме Македонија да има уште еден достоен претставник во АБА2 лигата.

КК Маџари и понатаму ќе работи транспарентно, одговорно и во интерес на клубот, неговите членови и македонската кошарка“, соопштија од клубот.

КФМ соопшти дека лиценца за настап во сезоната не им е издадена и на ТФТ и Чаир 2030.

Фото: КК Маџари ГБ