Крива Паланка и Баскет Кам ќе се борат за трофејот во Купот

Екипите на Крива Паланка и Баскет Кам обезбедија пласман во финалето од Купот на Македонија во женска конкуренција откако вечерва беа подобри од Бадел и МЗТ Скопје.

За Баскет Кам тоа ќе биде шесто финале во низа, а ќе се бори за четвртиот трофеј во ова натпреварување. Организаторот на завршниот турнир немаше проблем против МЗТ Скипје и го совлада со 74-63. Клучна беше втората четвртина која тимот од Македонска Каменица ја доби со 19-6 со што го уништи сите надежи на противникот за евентуално изненадување.

Ивана Кметовска одигра антологиски натпревар, постигнувајќи 23 поени, 21 скок и седум асистенции за индекс 41 со што којзнае кој пат ја покажа својата класа. Алексова го предводеше МЗТ Скопје со 21 поен.

Крива Паланка за првпат во историјата ќе се бори за трофеј во Купот, по триумфот против Бадел со 81-45. На овој меч клучна беше првата четвртина која им припадна на паланчанки со 25-10, Крива Паланка во тој период направи серија од 15-0 и практично го реши победникот.

Почетната петорка на Крива Паланка го понесе најголемиот товар, најдобра беше Робинсон со 26 поени, додека Марија Николов го предводеше Бадел со 14 поени.