Кошарката на боледување: Уште десетина позитивни на Ковид-19 меѓу прволигашите!

Кошаркарското првенство и покрај најавите речиси е невозможно дека ќе почне претстојниов викенд, откако скринингот направен од Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) покажа дека речиси во секој прволигаш има најмалку по еден позитивен на Ковид-19.

Покрај веќе познатите седумина заразени со коронавирус во екипата на Академија ФМП, која е во изолација заедно со тимот на Вардар поради меѓусебната пријателска средба, неофицијално во моментов има тројца со позитивен тест во новиот прволигаш ТФТ, двајца во МЗТ Скопје, а по еден во Гостивар и МЗТ Скопје УНИ Банка. Претходно, заразен имаше и во Работнички, додека во моментов се очекуваат резултатите од тестирањето на останатите тимови.

Ваквиот наплив на нови случаеви со Ковид-19 меѓу екипите ќе значи и поголем број екипи кои во целост би заминале во изолација. Викендов требаше да се одиграат три средби, а в среда на програмата да биде вечното дерби помеѓу Работнички и МЗТ Скопје, но тоа најверојатно нема да се случи.

Сето ова навестува дека стартот на Првата лига ќе биде пролонгирана за уште две недели, по што челниците на КФМ ќе донесат одлука за тоа дали и како ќе почне новата сезона.