Американец од Работнички се тепал на бензинска - му скршил вилица на скопјанец?!

Потенцијални темни облаци се надвиснуваат над најтрофејниот кошаркарски колектив кај нас, екипата на Работнички, која се соочува со сериозна можност пред најважните мечеви за титула да остане без својот најдобар играч сезонава, Демиер Питс, откако Американецот е пријавен дека во тепачка пред бензиска пумпа во Центар, наводно, на 36-годишен скопјанец му ја скршил – вилицата.

Бекот на црвено-белите од „Градски парк“, според информациите до кои дојде Спорт1, влегол во вербална пресметка со непознато лице поради банална причина, конфликт кој ескалирал и во физички напад. Инцидентот се случил на 30 март, додека нападнатиот истиот го пријавил во полиција следниот ден откако претходно морало да му биде укажана лекарска помош.

„На 01.04.2021 во 14.00 часот во СВР Скопје, К.Л.(36) од Скопје пријавил дека на 30.03.2021 во 21.50 часот пред бензиска пумпа на подрачје на Центар, по претходна расправија, бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, е објавено за овој случај во дневниот билен на МВР, без да се наведе името на напаѓачот.

Нашите извори велат дека оштетениот првично само навел дека бил нападнат од црномурест странец, кој најверојатно е кошаркар на некој скопски тим, а дека дури пред неколку дена ја дополнил пријавата со потенцирање на името на плејмејкерот на Работнички. Со оглед што станува збор за скршена вилица, како што неофицијално тврди оштетениот, Питс се соочува со сериозна можност да биде обвинет за нанесување тешки телесни повреди, ако се докаже дека тој навистина бил напаѓачот од инцидентот на 30 март пред бензиска станица во Центар.

Американецот во текот на денешниот ден треба да се појави во полиција за да ја објасни својата страна од приказната, по што од Основното јавно обвинителството ќе решат дали и какво обвинение ќе биде поднесено против него. Со оглед што станува збор за странец, ако тој навистина бил виновен за тоа што го обвинуваат, можно е да биде суден по итна постапка, а според законот казната за вакво дело, ако биде квалификувано како „нанесување тешки телесни повреди“, е од шест месеци до пет години затвор.

Питс сезонава одигра девет средби за центарци во домашната Прва лига со просек од 12,8 поени, 5,6 асистенции и 3,9 скока, додека во АБА2-лигата на десет натпревари просечно реализираше 17,5 поени, седум асистенции и 2,2 скока.