Кочов: Не очекував толку лесна победа, но се случува!

Кошаркарите на МЗТ Скопје неочекувано (пре)лесно, како гости, го совладаа најголемиот ривал Работнички (93-68), но тоа не донесе еуфорија кај тренерот на оваа екипа, Ѓорѓи Кочов.

Младиот предводник на актуелниот шампион не „летна во облаци“ по убедливиот триумф, туку веднаш се фокусира кон тоа што во текот на следната недела ги очекува неговиот избраници.

„Среќен сум што славевме во 'Градски Парк', особено што победивме во ваков навивачки амбиент. Сезонава, за жал, не играме во ваква атмосфера и задоволен сум како изреагиравме на притисокот. Не очекував ваква лесна победа, ќе излажам ако кажам поинаку.. Задоволен бев како се подготвувавме, не мислев дека вака ќе заврши мечот, но се случува. Бевме агресивни во одбраната. тоа го реши натпреварот, како и противничката пократка клупа. Немаме многу време за радост, сега се насочуваме кон исклучително важниот меч за нас во АБА2, в четврток на гости кај српски Динамик“, изјави Кочов.

МЗТ Скопје сега е на делба на првото место со скор 6-1, додека за Работнички ова беше трета „нула“ во низа, откако претходно имаа четири победи по ред.