Кинески кошаркар првпат ќе игра во Македонија – во дресот на Куманово!

Следната сезона би можела да биде прва во кошаркарската историја во која на прволигашките паркети во Македонија се појавил кинески интернационалец, откако екипата на Куманово денеска постигна договор со играчот од Далечниот Исток, Кикаи Сун.

Станува збор за ниско крило, високи 196 сантиметри, кој во следната сезона ќе го носи дресот на поранешниот вицешампион и куп-финалист. Тој доаѓа на препорака на тренерот на Куманово, Владимир Мирковски, кој извесен дел од кариерата мина работејќи во далечната Кина.

Според штурите информации за Сун, тој минатата сезона бил дел од екипата на Њујорк андердогс во полупрофесионалната АБА-лига во САД каде што, наводно, имал просек од 11,4 поени и 4,6 скока. Кинезот е трето странско засилување за кумановци во пресрет на новата сезона, по Јузбашиќ и Марјановиќ, кои беа дел од овој тим во финишот од минатото првенство.