КФМ имала двојно помал приход, ама за третина си го зголемила буџетот за – плати!

Челниците на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) на годишното Собрание, закажано за точно две недели, пред клубовите, кои според Стаутот ги избираат на функциите, ќе треба да го презентираат извештајот за сопствената работа изминатата сезона, пред сѐ на делот на трошење на средствата.

Причина за ваквото интересирање за овој сегмент е фактот што Куќата на кошарката најголемиот дел од приходот за 2020 година го добила од државата, поради што отчетот за тоа каде отишле парите и тоа како ќе биде интересен за клубовите. Според Завршната сметка за 2020 година, првиот човек на КФМ, Перо Антиќ и неговите соработници реализирале приходи од 44,3 милиони денари, на кои треба да се додадат и ненаплатените побарувања од 4,7 милиони денари што носи годишен буџет од околу 800.000 евра. Ова е двојно помалку пари со кои федерацијата располагала во 2019 година, со оглед што тогашниот буџет изнесувал двојно повеќе односно 98,5 милиони денари (1,6 милиони евра).

Ова, секако е разбирливо, со оглед што минатата година беше кризна со оглед на пандемијата со коронавирусот, поради што не се организираа предвидените Европски првенства во младинска конкуренција, што секако донесе огромен удар врз финансиската стабилност на КФМ. Колку за илустрација, од оваа ставка, во 2019 година биле инкасирани дури 38,5 милиони денари, што доволно покажува зошто Антиќ и соработниците лани располагале со двојно помалку пари. Во отсуство на овие пари од ФИБА, главен спонзор на КФМ во 2020 година била државата, од каде што на нивната сметка легнале скоро 60-отсто од целиот буџет или 27,2 милиони денари, поделени како приход од АМС по програма и од ваучер-системот.

Со оглед на драматичниот пад на буџетот, разбирливо е намалување и на расходите речиси во сите сегменти, освен во еден – платите на вработените во КФМ. Така, лани за примањата на вработените со придонеси се потрошени 7,4 милиони денари што е за дури 33-отсто повеќе од истата ставка една година претходно (5,5 милиони денари). Од друга страна, трошокот за ангажираните по договор во 2020 година бил 2,8 милиони денари односно еден милион денари помалку од годината претходно. Вкупно гледано, изминатите 365 дена, трошокот за исплати по сите основи на ангажираните во Куќата на кошарката од 9,4 милиони е зголемен на 10,2 милиони денари што е околу 10-отсто, во ситуација кога вкупниот приход е намален за пет пати поголем процент.

Мора да се нагласи и драстичното зголемување на режиските трошоци и услуги, кои лани изнесувале скоро 6,9 милиони евра, што е речиси двојно поголема сума од парите кои за истата работа биле потрошени во 2019 година, а кои изнесувале 3,7 милиони денари. Но, без разлика на сето ова, според Завршната сметка која ќе им биде презентирана на клубовите, финансиската состојна на КФМ е стабилна, пред сѐ поради фактот што од претходната година било пренесено салдо од дури 15 милиони денари (250.000 евра) додека од 2020 година разликата меѓу приходите и расходите, односно побарувањата и обврските се трипати помали од оваа сума.