КФМ и сѐ е можно: Чаир 2030 казната поради тепачка ќе ја „одлежи“ на – пријателски средби (ФОТО)
Неколку дена подоцна, комесарот за натпреварување Александар Милојевиќ им изрече жестоки казни на двата тима кои вклучуваа играње пред празни трибини (Чаир 2030 беше казнет со три, а ТФТ со две средби) како и суспензија од два меча за тепаниот кошаркар на популарната Тафта. Тоа наиде на одобрување во кошаркарските кулоари како опомена за сите да не дозволат вакви инциденти, макар тоа биле и на средби од неофицијален карактер. Но, тоа што јавно не беше објавено во казната, ниту, пак, кажано во острата реакција за хаосот во СРЦ „Кале“ е дека играњето пред празни трибини ќе може да се „одлежи“ на пријателски средби.
ТФТ и Чаир 2030 тоа го прифатија со двете раце, па до почетокот на првенството, закажано за точно една недела, си договорија доволен број пријателски средби за да може чисти да си го почнат шампионатот. Небулозата да биде поголема, во одработување на суспензијата влегуваат и средбите против тимови од понизок ранг, со што автоматски целосно се деградира казнената мерка која предводниците на македонската кошарка така помпезно ја најавија.
Доказ за ова се делегирањата за пријателските средби, на кои децидно е потенцирано дека мора да се играат без санкционираниот кошаркар, односно без публика според одлуката за казнување од 23 септеври. Едноставно, КФМ (Компромисна федерација на Македонија) и сѐ е можно.