„КФМ и клубовите ни должат 1,7 милиони денари – само си го бараме одработеното!“

Македонското кошаркарско првенство е во прекин откако Судиската комисија (СК) објави дека стопира секакво судење од нивните членови сè додека не бидат целосно исплатени долговите од страна на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) и клубовите, кои се – огромни.

Според соопштението од Судиската комисија (СК), Федерацијата и клубовите должат 1,7 милиони денари на судиски и делегатски такси и патни трошоци. Истовремено, судиите потенцираат дека имаат најниски судиски надоместоци во цела Европа, а протоколот за исплата од страна на клубовите е сериозно прекршен бидејќи исплатите требало да се извршат во рок од 48 часа по натпреварот, согласно пропозициите на натпреварувањата.

Последната уплата од КФМ, според нив, е евидентирана на 18 јануари 2025 година за Првата лига мажи и на 1 февруари 2025 за Првата лига жени и Третата лига мажи. По неколку неуспешни обиди за договор и неисполнети ветувања, судиите одлучија да стават крај на своето ангажирање сè додека не им биде исплатен целиот долг. На состанокот на 8 април, кој беше закажан по истекот на дадениот рок, присуствувал само претседателот на КФМ, Перо Антиќ, кој ги сослушал нивните ставови и изјавил дека ќе ја почитува нивната одлука. Иако КФМ понудила парцијално решение, со сума која покрива помалку од 40-отсто од вкупниот долг, таквиот предлог бил категорично одбиен – дури 96% од судиите и делегатите гласале против.

Дополнително, судиите истакнуваат дека на нивните сметки сè уште не е уплатен ниту денар од наменските средства од спонзорот на лигата. Тие се оградуваат од какви било политички или изборни игри околу претстојното собрание на КФМ и нагласуваат дека нивните барања се исклучиво финансиски и ќе останат на сила без оглед на промените во раководството.