Скандал во САД: МЛС „измисли“ ново правило за да го спаси Меси од суспензија!

Најголемата ѕвезда на Интер Мајами, Лионел Меси, избегна суспензија поради акумулирани пет жолти картони благодарение на активирањето на едно малку познато правило, додека истовремено раководството на американската МЛС лига потврди историска промена во својот натпреварувачки календар.

Аргентинецот го доби својот петти жолт картон, што според стандардните фудбалски правила значи автоматска суспензија од еден натпревар, но тој сепак ќе биде на теренот за претстојниот дуел против екипата на Њу Ингланд, обидувајќи се да му помогне на својот тим да ја прекине лошата серија од два натпревари без победа. Челниците на лигата одлучија да применат досега неискористен исклучок во правилникот кој му оди во прилог на Меси, потег кој предизвика големо внимание во спортската јавност.

„МЛС има исклучок во правилата кој вели дека суспензијата од еден натпревар нема да се примени доколку играчот не добил жолт картон во долг временски период. Правило кое никој не го забележал, но доспеа во јавноста поради статусот на Меси“, се наведува во анализата на угледниот портал „Ди Атлетик“.

Паралелно со случувањата околу Меси, МЛС лигата најави дека од 2027 година ќе го напушти досегашниот формат на натпреварување од февруари до декември, кој се користеше од самото основање во 1996 година. Наместо тоа, лигата ќе премине на европски календар, при што првата сезона по новиот систем ќе започне во јули 2027 година и ќе трае до мај 2028 година. Оваа голема транзиција вклучува воведување на летна пауза во јуни, како и целосно усогласување на летниот и зимскиот преоден рок со европскиот фудбалски пазар. Ваквиот распоред се очекува да им одговара на големите имиња кои настапуваат во САД, како Меси, Антоан Гризман и Роберт Левандовски, овозможувајќи им натпреварувачки ритам идентичен на оној на кој се навикнати во Европа.

За да се избегне долга пауза пред целосната имплементација на новиот систем, раководството ќе организира специјална преодна сезона која ќе се одигра од 19 февруари до 8 мај 2027 година. Во овој скратен натпреварувачки циклус ќе учествуваат сите 30 клубови поделени во две групи, при што секоја екипа ќе одигра по вкупно 14 натпревари. Најдобрите осум тимови од секоја група ќе обезбедат пласман во нокаут-фазата во текот на мај, додека големото финале е планирано за викендот спроти американскиот празник „Меморијал Деј“, кој во 2027 година ќе се одбележи на 31 мај.