Кошаркарите на Работнички го претрпеа можеби најтешкиот пораз во повеќе од седум децениската историја, откако вечерва загубија од дебитантот во елитата Феникс со неверојатни 51 поен разлика (51-102).

За неупатените ова можеби е најголема сензација во периодот по осамостојувањето на државата, но за тие што ги знаат приликите во тимот од „Градски парк“, ова е очекувана брука како резултат на ужасната ситуација во клубот. Без странци (си заминаа поради неисплатени плати) и со еден (по)искусен повремен репрезентативец (Горјан Марковски) и девет голобради момчиња, црвено-белите беа лесен плен за амбициозниот тим во жолта опрема, кој воопшто не покажа милост за тешката ситуација во таборот на 15-кратниот шампион. Згора на тоа, без првиот тренер Тони Симиќ на клупата (здравствени проблеми) и со младо момче во улога на тренер (Нермин Пепиќ), Работнички беше „печен“ за дебакл каков што досега му се нема случено.

Тренерот на домашните им даде шанса на сите од клупата, но дури и резервистите беа пресилни на центарци, меѓу кои исто така имаше неколкумина кои првпат почувствуваа како е да се игра во Првата лига.

Бојан Трајковски дебитира за Феникс како најефикасен со 17 поени, пет скока и шест асистенции, додека Митревски, Михајлоски и Морган постигнаа по 13 поени, а Валмир Какруки со 13 поени и 12 скока беше најсветлата точна во црниот Работнички.

Претходно денеска, Ангели дојдоа до историската прва прволигашка победа над МЗТ Скопје УНИ Банка (82-81), а Гостивар како гостин го победи Куманово (96-84). Утре играат Кожув и МЗТ Скопје, како и Пелистер и Академија ФМП, додека ТФТ и Еуро Никел својот меч ќе го одиграат во февруари.