
Херој во судиска опрема: Ема ја победи болеста и - веднаш ѝ се врати на кошарката!
Една непријатна епизода токму на теренот, на судијката ѝ откри сериозен проблем со здравјето, кој веднаш мораше да биде третиран и кој носеше голема неизвесност и тоа не само за нејзината спортска кариера. Без навлегување во детали со цел да се заштити нејзината приватност, може да се каже дека таа буквално мина низ пекол од кој излезе како – голем победник. Доказ за тоа беше нејзиното враќање на големата љубов наречена кошарка.
„Враќање на теренот како кошаркарски судија по подолгата пауза ми беше исполнето со мешавина од возбуда и неизвесност. Имав многу прашања во главата - дали ќе успеам да се снајдам, дали ќе ја издржам физичката динамика на натпреварот и дали ќе го следам критериумот што го бара играта. Сомнежот исчезна веднаш по првата одлука. Во тој момент, сè си дојде на свое место. Се чувствував сигурно и стабилно. Голема благодарност до КФМ за континуираната поддршка. Тоа што повторно бев на терен, и што се снајдов одлично, ми донесе исклучителна радост и потврда дека сум подготвена и посилна од кога било. Овој натпревар за мене беше повеќе од само спортска задача, за мене значеше лична победа“, изјави Никочевиќ за официјалната интернет-страница на Куќата на кошарката.
Нејзиното појавување на паркетот дефинитивно значи крај на една лоша епизода од животот, која треба брзо да ја заборави и од која излегува како херој. Таа ќе продолжи да ја дели правдата на средбите во организација на КФМ, а ако продолжи да се развива како и до сега, за очекување е дека многу брзо ќе дојде до знакот на ФИБА, а со тоа и шанса да ја претставува македонската кошарка надвор од границите на државата.