„Гиневме еден за друг и затоа победивме во ова пеколно финале!“

Можеби не донесе посебен квалитет, но денешното финале од Купот на Македонија донесе одамна невидена борбеност, желба за успех и неверојатен мотив кај кошаркарите на МЗТ Скопје и Работнички, но на крајот на пехарот можеше да му се израдува само еден тим – тој од Аеродром.

Сино-белите од „Јане Сандански“ апсолутно заслужено славеа, бидејќи беа доминантни во сите 40 минути, а и го имаа капитенот Дамјан Стојановски, кој и со 34 години им одржа лекција и на помладите, но и на странците, како се бранат боите на својот клуб.

„Го добивме финале како екипа, одигравме колективно и гиневме еден за друг. Имавме доста падови сезонава, но денеска не дозволивме такво нешто. Одигравме на највисоко ниво во одбраната, а пресудна беше и ротацијата што ни овозможи да го одржиме силното темпо во текот на целата средба. МВП е само обично признание, за мене лично е многу поважно што стигнавме до победата. Секој од нас можеше да го добие ова признание бидејќи навистина одигравме одличен колективен меч“, изјави Стојановски.

За МЗТ Скопје ова е десетти трофеј во Купот на Македонија, со што се израмни на вечната листа победници со Работнички.