Кошаркарите на Кожув барем неколку часа ќе ја имаат улогата на лидери на прволигашката табела, откако со денешната лесна победа на гостувањето кај МЗТ Скопје УНИ Банка (101-78) дојдоа до 22 бода, што е еден повеќе во однос на Гостивар и МЗТ Скопје, кои допрва ќе треба да ги одиграат средбите од 13. коло.

Мечот беше изедначен само во првата четвртина, во која „штркчињата“ од Аеродром пружија силен отпор, но разликата во квалитет дојде до израз веќе во вториот период во која гостите од Гевгелија дојдоа до двоцифрена предност, која потоа само ја зголемуваа. Во второто полувреме домашните се обидоа барем да ја намалат негативата, но противникот секој нивни напад лесно го одбиваше.

Еван Пејн со 25 поени, осум асистенции и шест скока беше убедливо најдобар кај Кожув, додека Девон Џенкинс и Томас Зданавичиус постигнаа по 14 поени. Кај талентите на МЗТ Скопје блескаа доскорешните првотимци, Љубиша Димитровски со 26 поени и седум скока, односно Ранко Мамузиќ со 17 поени и осум скока и Леонид Тодоровски со 13 поени и девет скока.

Останатите средби од 13. коло се играат подоцна вечерва, а силите ќе ги одмерат ФМП Академија и Еуро Никел, Пелистер и Работнички, Гостивар и Вардар и Куманово и МЗТ Скопје. Сите средби почнуваат во 18 часот.