Катастрофа на најдобриот во светот: Ѓоковиќ „исчистен“ за 67 минути!

И по 4,5 месеци во 2024 година, Новак Ѓоковиќ ќе остане без освоена титула бидејќи денеска доживеа болна елиминација на Мастерсот во Рим.

Подобар од него во третото коло беше Алехандро Табило од Чиле, 32. светски тенисер кој победи со 2-0 (6-2, 6-3) за само 67 минути игра. Ѓоковиќ и на претходните турнири оваа сезона не личеше на себе, но денеска одигра катастрофален натпревар, еден од најлошите во својата кариера.

Голем придонес за тоа имаше и победниот Табило кој излезе на теренот полн со самодоверба, играше мошне сигурно и го надигра првиот светски рекет во секоја смисла. Иако наскоро ќе наполни 26 години, ова е негова убедливо најголема победа во неговата кариера.

Во осминафиналето, Табило ќе се сретне со рускиот тенисер Карен Хачанов, а Новак Ѓоковиќ ќе патува на „Ролан Гарос“ без ниедна титула оваа сезона.