Градските ривали Работнички и Феникс одиграа уште еден извонредно возбудлив и интересен натпревар, во четвртфиналето од плејофот во македонското првенство.

Славеше Работнички со 100-94 за водство од 2-0 во серијата и покрај тоа што гостинскиот тим имаше и +14 во текот на мечот и беше во предност повеќе од 25 минути. Подобрата игра во финишот придонесе најтрофејниот тим во земјава да ја оствари и 14. победа во низа и да се најде на само еден чекор од пласман во полуфиналето.

Натпреварот почна доста израмнето, по пет минути игра беше 13-13, а потоа Феникс ја презеде контролата. Со серија од 10-0 отиде на 23-13 и водството го задржа до средината на третиот квартал. Највисоката предност ја имаше во 16. минута кога водеше со 41-27. Работнички се созеде дури на стартот од второто полувреме кога со серија од 14-4 отиде на 61-60. Одличната игра на домашниот тим продолжи и потоа, па по неколку промени на водството, Работнички го заврши третиот квартал со 78-71.

Феникс го отвори последниот период со серија од 5-0 за само -2, на две минути пред крајот 89-90, но играчите на Горан Самарџиев потоа постигнаа осум поени по ред и ставија точка на мечот и на третата победа по ред на Работнички во дуелите со Феникс, сите во последните 20-тина дена.

Трајс одигра одличен натпревар, постигна 32 поена со 8 асистенции и 5 скока, Рикиќ додаде 23 поени и 13 скока, а двоцифрени беа уште Џелетовиќ и Декоси. Рис го предводеше Феникс со 30 поени. Третиот натпревар од серијата се игра во текот на викендот, а домаќин ќе биде Феникс.