Еуро Никел се засили со сериозен кошаркар со огромно искуство од АБА-лигата!

Екипата на Еуро Никел ќе биде сериозно засилена во продолжение од сезоната, откако вчера беа завршени формалностите со потпишувањето договор со хрватскиот интернационалец, Роберт Рикиќ (30 год, 219 см).

Станува збор за вистински џин под кошевите, со огромно искуство во АБА-лигата, во која настапуваше како кошаркар на Будуќност и на Игокеа во периодот од 2015 до 2019 година. Претходно има играно за екипите на Загреб, Зрињевац, Дубрава и Широки, а потоа и за Зрињски, Сплит и за Слобода Тузла. Во Кавадарци доаѓа од Чешка, каде што играше за екипата на Славија Прага.

Рикиќ се очекува да биде огромно засилување за Еуро Никел под двата коша, со оглед што скоковите и играта во одбраната се негови најсилни оружја. Хрватот ќе биде одлично дополнување на ионака искусната центарска линија на кавадарчани, во која се Данило Мијатовиќ и Антон Казарновски.