
Елитата ќе се игра според систем каков што немало до сега – ќе има и квалификации за Купот!
Регуларниот дел од првенството традиционално опфаќа 22 кола односно по два меѓусебни дуели на прволигашите (дома и гости) и тоа од почетокот на октомври до почетокот на април следната година. Редовниот ритам од едно коло во неделата ќе биде нарушен во неколку наврати и тоа двапати поради настапите на репрезентацијата во претквалификациите за ЕП 2029 (ноември и февруари), зимскиот одмор (јануари) и завршниот турнир од Купот на Македонија (февруари).
По завршувањето на оваа фаза доаѓа првата промена – се враќа поранешната Супер лига односно по ново Плејоф фаза (прв дел) како што е крстено од творците на овој систем. Тука ќе се најдат најдобрите шест тима, кои исто така за првпат во историјата, барем во машка конкуренција, ќе одиграат само пет кола (еднокружно) според Бергер односно популарно нареченото „Оролоџо“. Првите три екипи ќе имаат бенефит во тоа што три од овие средби ќе ги играат дома, додека вторите три ќе одиграат само два меча пред своја публика, а трипати ќе гостуваат. Преостанатите шест екипи според истиот принцип ќе играат во Плејаут лигата за испаѓање.
Најдобрите четири тима од оваа фаза ќе продолжат во плејофот за титула, каде што има новитет – полуфиналињата ќе се играат до две победи односно до максимум три натпревари. Ова, дефинитивно, нема позитивно да биде прифатено од клубовите, особено поквалитетните, бидејќи ги намалува просторот за грешка бидејќи секој најмал кикс може жестокот да биде казнет. Финалето и сезонава ќе се игра до три победи и тоа повторно според системот 2-2-1. Сезоната максимално може да трае до крајот на мај.
Новитет е и воведувањето квалификации за настап во Купот на Македонија. Наместо настап во завршницата на најдобрите осум тима по првите 11 кола, како што беше со години наназад, оваа сезона во ова натпреварување ќе настапат сите прволигаши. Најдобрите четири тима по првата фаза директно обезбедуваат пласман на фајнал-ејт турнирот, додека екипите од 5. до 12. место ќе играат помеѓу себе и тоа според системот 5-12, 6-11, 7-10, 8-9. Ќе се игра само еден натпревар на теренот на подобро пласираниот состав. Завршницата од Купот е планирана за период помеѓу 13 и 15 февруари.
Кошаркарската сезона, пак, почнува на 28 септември со пресметката помеѓу МЗТ Скопје и Кожув во Суперкупот за трофејот „Драган Василов-Цевка“.