Докузовски: 20 минути игравме лоша одбрана, морав да викнам и - сѐ си дојде на место!

Големо беше задоволството на лицето на тренерот на Работнички, Марин Докузовски, по триумфот над Блокотехна и освојувањето на десеттиот пехар во Купот на Македонија.

Тој самиот беше свесен дека неговиот тим играше лошо во одбраната во првото полувреме, по што, како што вели самиот на шега, морал да подвикне во соблекувалната за да се средат работите.

„Навистина бевме психолошки и емотивно испразнети по синоќешното маратонско дерби против МЗТ Скопје и во првите 20 минути денеска како воопшто да не игравме одбрана. Морав малку да го кренам гласот во соблекувалната на полувреме и веќе во продолжението заигравме онака како што знаеме во дефанзивата. Тоа вроди со плод, го презедовме водството и не му дозволивме на противникот да игра така лесно како претходно. Среќен сум за трофејот, половина од работата сезонава вече ја завршивме, па сега ќе тргнеме кон одбрана на титулата. Притисокот сега е кај МЗТ Скопје, што секако ќе биде наша предност во Суперлигата и во плејофот.

Популарниот „доктор“ сега силите ги насочува кон првенството.

„Навивачите на Работнички секогаш бараат победи и трофеи, без разлика на составот со кој играме или играат противниците. Така е и сега, така и ние ќе се однесуваме. Набрзо ќе го заборавиме денешното славје и ќе се насочиме кон одбрана на титулата“, дополни Докузовски.