Богдановиќ: Пари имаме, но судски спор нѐ спречува да изградиме нова сала за Работнички!

Темата која со години наназад е болна за сите навивачи на Работнички, немањето свој дом кој ќе одговори на барањата на современата кошарка, со оглед што „Градски парк“ е времен објект стар 50 години кој не исполнува ниту најосновни услови, беше начната и денешната прес-конференција на раководството на Работнички.

Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, потенцира дека локалната власт е подготвена за ваков проект, парите се обезбедени, но пречка е судски спор за околното земјиште кое треба да биде опфатена со новата сала.

„Имаме правен проблем со соседното земјиште кои треба да биде опфатено со новата сала. Тоа било продадено за катна гаража, која, за среќа не е почната да се гради. Почнат е судски спор за враќање на земјиштето на државата, а со тоа на општината. Процесот е почнат, ќе продолжи во октомври и веднаш кога ќе заврши ќе почнеме со реализација. Не сум среќен за ваквата ситуација, но таква е ситуација. Така сум убеден дека во скоро време Работнички ќе има свој дом, а не да бидеме како останатите под кирија и под наем“, изјави Богдановиќ, не пропуштајќи на крајот да го пецне вечниот ривал МЗТ Скопје во делот на односите во салата во која настапуваат.

Проект за новата сала има уште од времето кога Андреј Жерновски беше градоначалник, но тој никогаш не беше спроведен во реалност.