Блажевски „траеше“ само неколку месеци како тренер на вториот тим на МЗТ!

Екипата на МЗТ Скопје УНИ Банка, која важи за втор тим на актуелниот кошаркарски првак од Аеродром, наскоро ќе има нов тренер, откако управата на клубот синоќа ја прекина соработката со досегашниот предводник од клупата, Перо Блажевски.

Легендата на „металците“ и стрелец на сигурно најважните поени во клупската историја, во победата над Реал Мадрид пред 25 години, не успеа да го издржи притисокот во новата сезона, во која се соочи со серија повреди на најважните кошаркари. Тој долго не можеше да смета на репрезентативецот Андреј Андоновски, а речиси да немаше натпревар на кој на располагање ги имаше сите играчите. Ова резултираше со само една победа во првите девет кола и најава за грчевита борба за опстанок, нешто што „штркчињата“ минатата сезона го обезбедија преку службена победа во баражот со Вардар.

Престојот во МЗТ Скопје Уни Банка за Блажевски беше прв самостоен прволигашки ангажман, откако летово дојде на местото на Борче Даскаловски. Претходно, тој работеше како помошник на Марин Докузовски во Работнички, каде што извесно време ја предводеше втората екипа во второлигашката конкуренција.

Името на новиот тренер на вториот тим на МЗТ се очекува да биде соопштено наскоро.