Битола на нозе: МЗТ доаѓа по титула, Пелистер ќе стори сѐ да го врати дома за - „мајсторка“!

Кошаркарите на МЗТ Скопје вечерва ја имаат првата меч топка за освојување на деветтата шампионска титула во клупската историја и тоа на гостински терен во четвртиот меч од плејоф-финалето против Пелистер (18.30 часот).

Аеродромци водат со 2-1 во серијата што се игра до три победи и со евентуален „брејк“ ќе дојдат до остварување на посакуваната цел, одбрана на тронот во макбаскетот. Но, тоа сигурно нема да им биде лесно остварливо, со оглед што, според најавите, ќе ги чека „пекол“ во салата „Боро Чурлевски“, со оглед на огромниот интерес во Битола за овој натпревар, за кој се очекува максимално полна сала. Зелено-белите ќе се обидат да го искористат притисокот од трибините и вторпат да го одбранат домашниот терен, што би значело и обезбедување „мајсторка“ во вторник во Скопје.

Двете екипи досега сезонава имаат одиграно близу 60 натпревари, што доволно говори со каква исрпеност се соочуваат кошаркарите без разлика на бојата на дресот што го носат, кои после толкави напори треба да го дадат најдоброто од себе. Заморот сигурно е поголем проблем за пелистерци, со оглед на помалиот фонт квалитетни играчи, што можеше да се види пред три дена во „Јане Сандански“ кога правеа далеку повеќе грешки од нормално. Аеродромци имаат мала предност во „подолгата“ клупа, што на тренерот Александар Петровиќ му дава поголема можност за ротација, а со тоа и давање можност за подолг одмор на клучните кошаркари.

Но, без разлика на сето ова, влогот за двата тима е преголем, па сето ова може да падне во вода со стартот на мечот, кој ќе биде решен само од моменталната инспирација и желба за триумф. Разликата во квалитет помеѓу двата тима речиси и да нема, што заедно со полната сала гарантира кошаркарски спектакл, само со надеж дека се ќе биде спортски и коректно, без инциденти и проблеми, како што му доликува на големото финале.