Кошаркарите на Работнички дојдоа до петтата победа во шестиот меч од новата сезона, откако далеку потешко од очекувањата го совладаа Црн Дрим (84-81), во заостанат меч од 9. коло од Првата лига.

Гостите од Струга покажаа заби, одиграа одлично во голем дел од средбата и воопшто немаше да биде незаслужено ако на крајот си заминаа и со бодовите. Тие по само неколку минути имаа 11-4, а пред крајот на полувремето и највисоки на средбата плус 11 (50-39), со што навестија дека е можна сензација.

Дури кога противникот, неочекувано, дојде до двоцифрена предност, црвено-белите како да се разбудија и во финишот од вториот и почетокот на третиот период со серија 17-2 направија целосен пресврт (56-52). Но и тоа не ги поколеба стружани, кои набрзо потоа повторно дојдоа до предност од 65-61, што како ептен да ги премори гостинските кошаркари.

Поголемиот квалитет и подолгата клупа на Работнички дојде до израз во последните десет минути, кога со нова одлична серија, овој пат од 21-6 дојдоа до предност од 11 поени (82-71). Но, ниту ова не ги откажа играчите на Црн Дрим, кои вратија со осум поени во низа и дојдоа на негатива од само еден поен (81-84). Но, во последните триесетина секунди, прво Стефан Балмазовиќ успешно реализира две слободни фрлања, а потоа Андреј Настевски промаши шут за изедначување, за конечен триумф на големиот фаворит.

Балмазовиќ со 23 поени и 10 скока беше најдобар кај центарци, додека Девон Вашингтон реализира 16 поени. Џејмс Коверд со 27 поени беше најпрецизен кај Црн Дрим, каде што Сидики Коне оствари неверојатни 16 скокови.

Вечерва се игра уште еден од многуте заостанати средби и тоа помеѓу Кожув и Пелистер.